Француската модна куќа „Смаглер“ произведе одело што ги блокира електромагнетните бранови произведени од мобилните телефони, беше објавено вчера.
- Ова би било првпат да се користат технолошки материјали за машка секојдневна облека, без да се предизвикува чувство на непријатност - истакнува Бенџамин Анин од одделот за истражување и развој на Smuggler.
Досега овој специфичен тип на материјал се користеше во рудиментирана форма за облека на професионалци кои се екстремно изложени на електромагнетни бранови, забележува Анин.
Компанијата „Смаглер“ работеше на тој материјал три години, во соработка со Институтот XLIM од Лимож, специјализиран за проблемите на електромагнетизмот.
Материјалот за кој станува збор се користи за џебови на јакни, а во него се вткаени нишки од никел кој не предизвикува алергиски реакции, нерѓосувачки челик, алуминиум и пирит. Овој материјал наводно може да блокира 90 проценти од електромагнетните бранови.
Првите одела со новиот материјал ќе се појават во колекцијата пролет-лето 2013 на компанијата „Смаглер“.